На Универзитетот „Фан С. Ноли” во Корча ќe се отвора лекторат за македонски јазик, што како идеја произлезе од научниот симпозиум „Животот и литературното дело на Стерјо Спасе” кој Универзитетот го организираше во соработка со македонското друштво „Сонце”.
Како што соопшти Кабинетот на министерот за дијаспора Едмонд Адеми, на тој симпозиум Адеми и амбасадорот во Тирана Данчо Марковски, во разговор со ректорот Али Јашари побарале зацврстување на врските и поголема соработка меѓу македонските универзитети и универзитетот „Фан С. Ноли”.
– Во таа насока, амбасадорот Марковски, по извршени претходни подготовки и координација со ректорот на Универзитетот „Климент Охридски” во Битола, Сашо Коруновски, на 4 март 2019 оствари работна средба со ректорот на универзитетот „Фан С.Ноли” во Корча, Али Јашари, и членови на ректорската управа, при што беа иницирани два конкретни предлога – отворање лекторат за македонски јазик и заемно организирање проверка на познавање на македонскиот јазик и издавање дипломи на заинтересирани студенти и лица, соопшти Кабинетот на министерот за дијаспора.
Ректорот Али Јашар идејата за лекторат ја оценил како мошне добра и предложил да се преземат неопходни подготовки за да се пристапи кон реализација.
-Побара во следните триесетина дена да се организира средба со неговиот хомолог, во Битола или во Корча, за деканите од двата факултета да може да потпишат меморандум за соработка и да ги утврдат условите и начинот на работа. Јашари се согласи и со предлогот за организирање проверка и полагање на македонскиот јазик, како и за разгледување на можноста за меѓусебно признавање на дипломите, се наведува во соопштението.