Градоначалникот Петре Шилегов им додели благодарници на пожарникарите од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје за покажаната храброст и укажаната несебична помош на настраданите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.
Благодарници им беа доделени на пожарникарите Владимир Симоновски, Владимир Кочовски, Цане Пројчевски и Рашо Рожајац, коишто беа меѓу првите што укажаа помош на местото на несреќата на автопатот Скопје – Тетово.
Веднаш по информацијата за случената стравична несреќа на патниот правец Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци, екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје интервенираа на терен со повеќе специјализирани возила и помагаа во извлекувањето на настраданите патници во автобусот.
Минатата недела Советот на Град Скопје донесе одлука со која како израз на солидарност кон семејствата на загинатите и на повредените во оваа сообраќајна несреќа, на секое семејство кое загуби свој член ќе додели парична помош од 100 000 денари во нето-износ, а на повредените по 30 000 денари.