Почнува изработката на национален интегриран план за енергија и клима

Денеска во Скопје се одржа  средба за планирање на проектот „Подготовка на национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020–2030 година кој ќе ѝ овозможи на државата на интегриран начин да ги планира своите политики, цели и мерки поврзани со клима и енергија во согласност со препораката 2018/1/МC-EnC од Советот на енергетската заедница.

Според заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, исполнувањето на обврските кон Европската енергетска заедница е во тесна поврзаност со животната средина и климата. Имено, и на последниот СОР Владата ја поддржа амбициозната Коалиција за глобалните климатски преговори и беше првата држава што го потпиша договорот за партнерство со енергетската заедница, а од друга страна сме и меѓу 16-те држави кои имаат строга посветеност кон Парискиот договор.

„Имаме задача како држава да направиме заеднички план помеѓу енергијата и климата, а на енергетските потреби да одговориме со исполнување на обврските од Парискиот договор, но и таргетите на енергетската заедница“ – изјави Макрадули на отворањето на состанокот изразувајќи задоволство што постои синергија меѓу Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање што треба да резултира со изработка на еден квалитетен документ кој потоа ќе ги трасира следните активности и правци на развој на економијата, пред сè преку столбовите енергетика и клима.

Според државниот секретар во Министерството за економија, Зоран Павловски, нашата држава како потписничка на договорот за основање на енергетската заедница и кандидат за полноправно членство во Европската Унија е исправена пред предизвиците на ефикасното спроведување  сериозни реформи во енергетската област.

„Денешниот настан претставува добра можност да покажеме како може истовремено да функционираат повеќе процеси: обезбедување енергија, намалување на емисии на стакленички гасови и ублажување на климатските промени”, изјави Павловски.

„Изработката на интегриран национален план за енергија и клима ќе ѝ овозможи на земјата да ги планира своите климатски и енергетски цели, политики и мерки и да ги усогласи енергетските политики со политиките на ЕУ. Планот, откако ќе биде финализиран, ќе го намали товарот врз администрацијата, ќе обезбеди поголема кохерентност и подобро долгорочно планирање на инвестициите”, вели Дубравка Бошњак, проект-менаџер на проектот на ГИЗ – Отворен регионален фонд за енергетска ефикасност во ЈИЕ.

Министерство за економија, во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање, формираше работна група која ќе почне со коoрдинирање на националните енергетски и климатски цели, ќе идентификува недоследности помеѓу националните документи за енергија и клима, со цел да превенира контрадикција помеѓу нив и да развие акциски план со временска рамка за интеграција на енергетските и климатските цели и политики на Република Северна Македонија.

Во рамки на проектот во текот на 2019 година ќе се спроведува аналитичката и техничката работа, а во план е да се разработат и проекциите кои воедно би ги вклучиле и референтните и политичките сценарија.

Во текот на 2020 година планирано е нацрт-националните планови да бидат доставени до Секретаријатот по што би се очекувале консултации со договорните страни на Енергетската заедница, секретаријатот, релевантните држави членки на ЕУ и Европската комисија. Финалните планови се очекува да бидат подготвени до октомври 2020 година, при тоа земајќи ги предвид мислењата добиени во текот на процесот на консултации.Проектот го спроведува Германското друштво за меѓународна соработка во координација со Министерството за економија и Министерство за животна средина и просторно планирање.

Треба да знаете
Последни објави