Димитров и Анагностопулу потпишаа договор за отворање нов граничен премин, Маркова нога-Лемос

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска, оствари средба со алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

За време на средбата МНР Димитров и АМНР Анагностопулу потпишаа Спогодба за отворање на нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос. Ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.

На средбата со АМНР Анагностопулу беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Преспанскиот договор со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција и ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес.

Ова е прва посета на министерот Сиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција и’ ја дава на односите со Република Северна Македонија.

 

 

Треба да знаете
Последни објави