Со Преспанскиот договор е променет идентитетот и тој договор е лош, а тоа не е политичка оценка, тоа е резултат на студија објавена на македонски и англиски јазик. Преспанскиот договор се заснова на кршење на Уставот на РМ, постапките не се во рамки на деловникот, правото, изјави професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател поддржан од ВМРО-ДПМНЕ гостувајќи на емисијата „360 степени“ на телевизија АлсатМ.
Силјановска посочи дека со Преспанскиот договор многу работи се менуваат.
-Јас сум растела и сум го градела идентитетот во Република Македонија. Сте слушнале ли дека соседот треба да ви признае јазик. Ако ви го смениме името или го смениме моето од Гордана во Јордана тогаш се менува целиот идентитет. Во мојот идентитет е многу сменето ќе треба да вадам документи со ново име, треба да се лажам каде сум родена. Целиот мој идентитет немал ништо со Република Северна Македонија, објасни Силјановска.
Според неа, договорот има голем недостаток зашто граѓаните не го поддржаа на референдум, а со пропаднат референдум ниедна власт нема основа да го менува Уставот.
-Премиерот Заев после неуспешниот референдум, доколку беше демократ, требаше да си поднесе оставка, рече Силјановска.
Таа не се согласи со тезата дека во минатато не зборувала толку жестоко против „груевизмот“, како сега против „заевизмот“.
-Мислам дека важни се вредностите право, правда, еднаквост. Ги освоив срцата на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум дежурен политички аналитичар. Многу внимавам да не се појавувам по медиуми, нели освен сега кога сум кандидат. Не се согласувам дека сум го премолчела груевизмот, го критикував за авторитарното владеење, за криминалот, за корупција. Не споредувајте ме со дежурните професори аналитичари. Една фамилија сега е замената со друга, констатираше Силјановска.