Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на настан на којшто беа презентирани резултатите од проектот за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата. Покрај Премиерот Заев свои обраќања имаа и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, д-р Викторија Јовановска, директорот на Клиничката болница во Тетово, д-р Флорин Бесими, директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, Анте Попоски, претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ана Данева Маркова, како и Соња Таневска, претставник на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во државата.
Во продолжение Ви го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето на Премиерот Заев на овој настан.
„Кога го одржавме првиот состанок, на којшто претставниците од Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА ми го презентираа проектот насочен кон едно од приоритетните прашања, веднаш реков дека „Кога станува збор за здравјето на мајките и бебињата, нема компромиси, мора да сториме се да ги подобриме условите и да ја намалиме смртноста“.
Сега, една година подоцна, можам слободно да кажам дека вределе сите заложби, бидејќи резултатите се повеќе од задоволувачки. Во двете поголеми родилишта во државата, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и Клиничката болница во Тетово, обучени се 47 здравствени работници, како мултидисциплинарни тимови, кои пружаат ефективна грижа на мајките и на бебињата, пред, во текот и после породувањето.
Неонатолозите во овие и во болницата во Чаир, преку практична работа со поддршка од реномирана меѓународна експертиза, во период од неколку недели добија клучни препораки за посоодветна грижа на новороденчињата, особено за предвреме родени бебиња. Понатаму, адаптирани се 15 протоколи за најчестите состојби кај мајката и новороденчето, пред, за време на породувањето и потоа. Во тек е нивна дистрибуција и брза обука на здравствените работници во 33 родилишта во нашата земја.
Преку проектот, исто така се реализираа и активности кои значително ја подигнаа свеста кај чинителите во здравствениот систем дека е нужно да се стандардизира и да се подобри квалитетот на грижата кон мајките и кон новороденчињата. Значајно е да се спомене дека овој проект е првиот којшто се реализира во Република Северна Македонија на принципот „matching funds“. Средствата коишто ги одвои државата потоа беа дуплирани од страна на Фондот за население на Обединетите Нации, со што вкупниот буџет достигна до 5,7 милиони денари или околу 106 илјади американски долари.Паралелно на овој процес, неодамна е формирана Национална работна група за перинатална смртност. Работната група е должна да го ревидира секој смртен случај поединечно, да ги собере неопходните податоци и врз основа на истите да препорача соодветни мерки за да не ни се случуваат смртни случаи од исти или од слични причини.
Почитувани,
Не случајно овој настан се случува денеска, на меѓународниот ден на жената. Жената е столб на семејството, а со тоа и столб на целото наше општество. Овој ден само не потсетува дека грижата за здравјето на жените е грижа за здравјето на нашите поколенија, грижа за здравјето на сите граѓани и дека таа грижа треба да биде континуирана и високо квалитетна.
Во оваа насока, Владата на Република Северна Македонија го усвои Акцискиот план за сексуално и репродуктивно здравје, а усвоени се и клиничките упатства за најчестите причини за смртност кај мајките во текот на бременост и породување. Исто така, за жените коишто се во репродуктивен период, државата обезбедува бесплатни ПАП тестови.
Неколкупати досега сум кажал дека здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет и од тоа не отстапувам ниту јас, ниту Владата, а со нас и Парламентот е на тие ставови.
Затоа Ви препорачувам заедно да работиме уште по посветено и понапорно, да продолжиме со ширење на добрите практики низ другите родилишта во државата, за да создадеме родилишта по европски терк, бидејќи жените, но и нивните семејства го очекуваат тоа од нас“.