Зоран Заев денеска повторно ги понижи жените во Македонија, особено членките на неговата партија, со самиот факт што повторно ги лажеше и манипулираше, реагира ВМРО-ДПМНЕ по обраќањето на премиерот Зоран Заев, по повод денешниот марш во организација на Форумот на жени на СДСМ.
„Владата која што тој ја води потфрли на секое поле, освен во криминалот, корупцијата, непотизмот. Реалноста е дека економскиот раст на Македонија е убедливо најнизок во Европа и регионот, над 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија, стандардот од ден во ден паѓа исто како што се урнисува и здравството, образованието, земјоделството и слично“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.
Лажна социјал-демократија, додава ВМРО-ДПМНЕ, се претвори во деспотизам во кој се фрла солзавец врз граѓани, возрасни жени, мајки и сопруги само заради изразена критика на неговата капитулантска политика.
„Деспотизмот се гледа и врз упадите во домовите на граѓани кои ја критикуваат власта на социјалните мрежи и при апсењата со специјалци на пратеничка пред очите на нејзините деца. Деспотизмот се гледа и во неговиот однос општо кон граѓаните на кои им ги повторува истите лажни ветувања пред секои нови избори, а посветен е само на личното богатење и богатењето на крими картелот преку наместени тендери, грантови или јавни набавки. Граѓаните ова ќе го казнат на претстојните избори, кога јасно ќе му кажат не и ќе гласаат за горда Македонија и на тој начин ќе почне демонтирањето на неговиот деспотизам“, наведе ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.