Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, кој престојува во работна посета на Канада, покрај средбите во канадското Министерство за надворешни работи оствари средби и разговори со Брајан Меј, пратеник во Долниот Дом и претседавач на Интерпарламентарната група за пријателство со нашата земја во Канадскиот парламент, како и со претседателот и потпретседателот на НАТО асоцијацијата на Канада, Роберт Беинс и Мајкл Ворд.
Во разговорот со претседавачот на Интерпарламентарната група за пријателство, Брајан Меј, соопшти денеска Министерството за надворешни работи, била констатирана одличната соработка помеѓу двата парламента во изминатите години, а било нагласено и очекувањето за забрзување на процедурата за ратификација на НАТО пристапниот протокол во канадскиот Парламент. Се разговарало и за можноста за зајакнување на соработката помеѓу двата законодавни дома во претстојниот период.
– На средбата и разговорите со Роберт Беинс и Мајкл Ворд беше изразена подготвеноста на НАТО Асоцијацијата на Канада за натамошен интензивен ангажман во јавната промоција за што поскора ратификација на НАТО пристапниот протокол во кандскиот парламент. Воедно, беа разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката со Евро- атланскиот совет на нашата земја, со нагласок на потребата за континуитет на соработкате на бизнис клубовите на двете асоцијации, како и за воспоставивање на соработка помеѓу младинските организации на двете Евро-атлански асоцијации, стои во соопштението.
За време на престојот, државниот секретар Димовски, остварил средба и со Џим Вотсон, градоначалник на Отава на која беше пренесен интересот на градот Скопје за воспоставување соработка со Отава, главниот град на Канада.