Aгенцијата ,,Стандард и Пурс” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед. Според извештајот, решавањето на спорот со името е круцијален позитивен чекор и ги отвора вратите за членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ во текот на 2019 година, што би можело да ги забрза структурните реформи.
Според ,,Стандард и Пурс”, враќањето на политичката стабилност било значајно за забрзување на динамиката на економскиот раст. Се очекува дека растот во наредните три години ќе изнесува околу 3% во просек, движен од домашната потрошувачка и извозот, како и подобрите движења кај инвестициите. Притоа, се очекува раст на приватните инвестиции како резултат на подобрената политичка стабилност, како и забрзување на јавните капитални инвестиции. Ризиците кон растот се оценуваат како балансирани, со позитивен потенцијал од побрзото имплементирање на реформите што би ја подобрило бизнис климата и би резултирало со повисоки странски директни инвестиции. Од друга страна, негативните ризици се од екстерна природа, и произлегуваат од забавувањето на растот во Европа, како и од царините на САД за увозот на коли.
При остварен понизок дефицит од очекуваниот во 2018 година, се очекува дека буџетскиот дефицит на општата влада во 2019 година ќе биде во линија со проекцијата на Владата од 3% од БДП, и потоа ќе опадне на околу 2,5% од БДП во просек на среден рок. Извештајот ја оценува како позитивна неодамнешната пензиска реформа, а ги нотира и реформите во управувањето со јавните финансии, со особен фокус на транспарентноста, буџетирањето и мониторингот. ,,Стандард и Пурс” го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст. После подолг период на раст во минатото, се оценува дека долгот постепено ќе се стабилизира, и ќе изнесува 48,7% од БДП во 2021-2022 година (државниот долг и долгот на ЈПДП).
,,Стандард и Пурс” наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку навременото имплементирање на реформите ја зајакне институционалната поставеност и ги подобри економските изгледи. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вон-буџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг, соопшти Министерството за финансии.