Шекеринска ја завршува посетата на Вашингтон: Добивме силни пораки на поддршка и честитки за лидерството, партнерството со САД продолжува
Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска ја завршува посетата на Вашингтон. Последниот ден од посетата таа имаше средби со конгресмените Мајк Тарнер и Адам Смит, на кои беа повторени пораките на поддршка за членството на Македонија во НАТО и честитките за одлучноста во решавањето на спорот кој стоеше на нашиот пат кон Алијансата. Беше потврдена одличната билатерална соработка во одбраната меѓу двете земји, која, со новатапозиција на Северна Македонија во НАТО, ќе биде интензивирана.
И со конгресмените Шекеринска зборуваше за потребата од забрзување на ратификацијата на Протоколот за членство, за што поскоро успешно заокружување на процесот на пристапување на Северна Македонија како 30.земја членка на НАТО. Тоа е важно не само за нашата земја туку за безбедноста на целиот регион и ќе ја прошири пораката низ целиот Балкан – дека со соработка и решенија на проблемите, просперитетот е загарантиран – рече министерката.
Истата порака за поддршка Шекеринска ја пренесе и на состанокот со Хедер Конли и влијателни американски професори и екперти во Центарот за стратегиски и меѓународни студии (CSIS), на средбата во Меѓународниот републикански институт (IRI)со претседателот Даниел Твининг и на средбата со претседателот на Националниот демократски институт (NDI), Дерек Мичел.
– Ја завршуваме посетата на Вашингтон. По средбата со американскиот секретар за одбрана Шанахен, средбите во Пентагон, во Стејт Департментот, во Белата куќа, имавме и повеќе средби во Сенатот и американскиот Конгрес. На сите средби ја испративме истата порака – час поскоро да се ратификува протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. Добивме силни пораки на поддршка и честитки, за лидерството, за храброста, за одлучноста, во решавањето на проблемите и вртење кон иднината. Нашето партнерство со САД продолжува и тоа ќе биде плус за нашата стабилност, за нашите стратешки цели но и за нашата економија – рече министерката.