На вториот ден од детскиот карневал „Прочка 2019“, децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски, каде најмладите ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето на пораки преку маски.
„Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина. Инвентивноста на дечињата се покажа и преку маските „Да си подадеме рака“, „Витаминки шејк“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.
Градоначалникот Илија Јованоски, изразувајќи го личното задоволство од вчерашниот прв ден на „Прочка 2019“, кога во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беа презентирани над 1.000 рачно изработени маски од страна на децата и нивните наставници од основните и средните училишта од Прилеп, го најави денешниот детски карневал и новитетот на годинешниот карневал, а тоа се уличните перформанси на уметниците од „Статуа Фест“.
„Денеска дефилираат младите до 14 години и тоа учениците од основните училишта и од детските градинки од нашиот град. Мислам дека посетителите ќе уживаат во денешните поединечни и групни маски, а уште повеќе што покрај овој конвенционален и редовен дел од овој карневал, ќе имаме и нов модерен дел каде што уметниците од нашиот град изведуваат улична уметност, вклучувајќи ги тука и „Статуа Фест“ кои ќе изведуваат интерактивна улична уметност со граѓаните. Јас се надевам дека ќе победат најдобрите учесници од денеска и сакам да го отворам денешниот дел од карневалот на општо задоволство на сите посетители и на сите наши гости. Сите заедно ќе уживаме во денешната претстава.“, изјави градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.
Претседателот на здружението „Мечкари“ и коорганизатор со Општина Прилеп на карневалот „Прочка 2019“, Ванчо Георгиев потенцираше дека веќе се пристигнати гостите на карневалот од Турција и Бугарија.
Наставничката Весна Арсиќ од основното училиште „Блаже Конески“, рече дека како и секоја година, така и годинава со нетрпение го очекуваат карневалот „Прочка“, бидејќи скоро 2 месеца таа и нејзините ученици работеле на кореографијата и на маската.
„Оваа година нашето училиште ќе се претстави со групната маска „Мадагаскар“. Преку оваа маска и преку животот на ликовите од цртаниот филм, сакаме да порачаме дека не постои ниту една причина и никој којшто може да си земе за право да ни ја скрати слободата, па и правото на избор доколку не направиме прекршок. Затоа сите да играме, да пееме, да се радуваме, да мислиме позитивно, бидејќи животот е игра, животот е песна“, додаде Арсиќ.
Утре ќе се случува главното карневалско дефиле на „Прочка 2019“, каде посетителите ќе уживаат во поединечните и групните маски од Турција, Србија, Бугарија, Хрватска и од повеќе градови од Македонија.
Имињата на наградените на годинешниот карневал „Прочка 2019“ ќе ги соопшти жирито на карневалот, во состав: Благоја Атанасоски, Габриела Николоска, Хилда Црнеска, Рубинчо Белчески и Лилјана Неделкоска. Соопштувањето на победниците и доделувањето на наградите ќе биде утре во ресторанот „Ла Каса Гранде“ во 21 часот.