Кожуф и Поткожувјето како еден од најубавите делови на општина Кавадарци да не бидат слепа точка и крај на светот, туку поврзани со Европа и Република Грција, рече кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, по македонско-грчката средба во неговиот кабинет, на која се разговараше за граничен премин во Кавадаречко. Покрај тиквешките пратеници, на синоќешниот состанок беше и грчкиот парламентарец Сифакис Јанис.
– Разговаравме на таа тема, на наша заедничка иницијатива разработивме физибилити студија и врз основа на добрососедските односи и потпишувањето на Преспанскиот договор, сме веќе во завршна фаза да почнеме со техничка документација и одобрување на граничен премин Пуљевац, приказна од пред 20-30 години. Ова е од големо значење за двете страни и за движењето во овој и грчкиот регион, од другата страна на границата. Очекуваме локален и економски бенефит, целокупен развој. Тоа многу ќе значи за нас, рече Јанчев, одговарајќи на прашање од МИА, што ќе значи за Кавадарци отворањето на преминот, кој е дамнешна желба на тиквешани.
Во делот на развојот на туризмот, нагласи, поврзувањето ќе значи поголема раздвиженост и повеќе туристи, враќање на живот во нашите села, услови за развој на бизниси.
Тој појасни дека Агенцијата за патишта за годинава има предвидено буџет од 50 милиони денари за реконструкција на постоечкиот пат Р108 од месноста Мушов Гроб до Мајден. Самиот премин планирано е да се финансира преку европски фондови.
Задоволство од средбата изрази и Сифакис Јанис. – Премиерот Заев е многу позитивно расположен за овој граничен премин помеѓу Кавадарци и Аридеја. Во наредните два месеца се очекува да се потпише договор за отварање на премин. Во наредниот период ќе се разговара и за финансирањето и имплементирање на тој проект. Од 27 кулометри од грчка страна, четири се со асфалт. Од 57 километри во Кавадарци, 43 се асфалтирани. Има поволна клима и овој пат многу ќе им помогне на двете земји, нагласи тој.
Патот за земјоделските производи, граѓаните и туристите, како што истакна, ќе биде скратен за сто километри.