Претседателскиот кандидат на владеачката коалиција, Стево Пендаровски во интервју за хрватски „Јутарњи Лист“ вели дека Македонија е далеку од полноправно членство во ЕУ, како и дека идејата за размена на територии меѓу Србија е Косово е најлошата што ја слушнал во изминатава деценија.
-Сè уште сме далеку од полноправно членство во ЕУ. Тоа ќе биде за нас голем дипломатски предизвик со офанзивно темпо да ги спроведеме реформите и да успееме да ги достигнеме Србија и Црна Гора, на кои како датум на влегување во ЕУ им е поставена 2025 година, вели Пендаровски.
Тој смета дека неговиот пораз на претходните избори е резултат на притисокот на тогашната влст врз вработените во јавната администрација кои биле принудени да гласаат за Ѓорге Иванов.
-Таа година автократскиот режим беше на својот врв. Добив околу 400.000 гласови, што е политички капитал кој сега може само да се зголеми во демократска атмосфера. Исходот од изборите во 2014 година беше резултат на бруталниот притисок на владата врз голем дел од гласачите. Имено, сите вработени во државната администрација беа принудени да му дадат глас на кандидатот на владејачката ВМРО кој ги задржа сите медиуми под апсолутна контрола. Накусо, целиот државен апарат со сите ресурси работеше за Иванов. Денес ситуацијата во земјата е сосема поинаква и сите кандидати ќе имаат еднаков пристап до медиумите и во принцип, еднакви услови за изборниот натпревар, рече Пендаровски.
Тој го кажа своето мислење за идеите за размена на територија меѓу Србија и Косово.
-За жал, јас сум еден од ретките политичари во регионот на Западен Балкан кој јавно зборува против оваа идеја, која е најлошото нешто што го слушнав во изминатата деценија. Во случај Србија и Косово навистина да разменуваат територии, Северна Македонија и БиХ ќе бидат колатерални жртви. Всушност, ние во 2001 година потпишавме мировен договор со Албанците, а пред тоа за време на разговорите во Охрид беше одбиен предлогот за територијално разграничување во Македонија. Тоа беше можно само затоа што за време на распадот на Југославија и создавањето на нови држави се почитуваше правилото дека поранешните граници на републиката да станат национални граници. Но ако сега наместо тој принцип се воведе принципот на етничка дистрибуција на народите, тогаш Албанците во Македонија, и многу веројатно Србите во Босна и Херцеговина ќе бараат исправка на границите , заклучува Пендаровски.
Кандидатот за претседател рече и дека е против спомениците на плоштадот во Скопје,а особено на Александар Македонски, односно Воинот на коњ.
-Ако ме прашате на лично ниво, не само оваа статуа, туку и сите други споменици на главниот плоштад треба да се отстранат. Ова, сепак, нема да се случи, бидејќи според анализите, цената за нивно отстранување би била премногу голема за сиромашна земја како нашата, вели Пендаровски.
Целото интервју може да го прочитате на следниов линк: jutarnjilist