Советот на Европа официјално ја заведе земјата под нејзиното ново име „Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
На Интернет страницата на најстарата паневропска организација – Советот на Европа, чие седиште е во Стразбур, земјата сега е заведена официјално како Северна Македонија, според азбучниот редослед на англиски јазик на земјите членки.
Северна Македонија како земја членка сега се наоѓа меѓу Холандија и Норвешка, се до промената на името земјата се водеше под привремената реферeнца „поранешна југословенска Република Македонија” и таа се наоѓаше меѓу Швајцарија и Турција. Така сега македонското знаме се вее на јарболот пред палатата на Европа во Стразбур, меѓу знамињата на Холандија и Норвешка.
Промената на името е направена и на страницата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, делегацијата на Собранието е претставена како делегација на Република Северна Македонија. Интересно е да се наведе дека ПССЕ беше единствената паневропска и меѓународна организација која на пленарна сесија расправаше за употребата на Уставното име на Република Македонија или тоа на референцата, но без притоа да донесе одлука;
Но на картата на која се наоѓаат земјите членки на Советот на Европа и нивните престолнини на се уште не е променето името и на неа стои името на земјата со реферeнцата.
Република Северна Македонија стана членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995, како 38 земја членка. При приемот на земјата Комитетот на Министрите на Советот на Европа испрати покана до земјата да стане членка, но во поканата не беше наведено наведено името на земјата која се поканува да стане членка на Советот на Европа.