Со преименувањето на Македонската опера и балет во Национална опера и балет, СДСМ не води грижа за културното наследство и колективната меморија на народот. Ваков е ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за замената на придавката македонска со национална, од името на МОБ.
Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека наспроти твдењата на премиерот Зоран Заев дека институционалниот идентитет е зачуван, тој е изгубен.
„Сега откако договорот за промена на името почна да се спроведува гледаме дека Заев лажел. Институционалниот идентитет не е зачуван, напротив тој е изгубен. Називот Национална опера и балет е недефиниран и не прецизира која држава претставува. Кога претставници на МОБ ќе одат на претстави во странство името на институцијата ќе внесува забуна и никој нема да знае од која држава чија култура претставуваат“, рече Костовски.
Според опозицијата Зоран Заев и СДСМ свесно ги понижуваат македонскиот народ, историјата и културата. Оваа власт, рече Костовски, нема кредибилитет повеќе да ја управува Република Македонија и затоа мора да замине. Додаде дека масовното излегување на претседателските избори и победата на Гордана Силјановска Давкова ќе биде причина за распишување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе го испратат Зоран Заев и СДСМ на темната страна на историјата.