Работни групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе го утврдуваат предлог законот за јавно обвинителство
Работни групи на СДСМ и на ВМРО – ДПМНЕ од утре ќе работат на новиот предлог закон за јавно обвинителство со кој се предвидува интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во Јавното обвинителство, најавија по вечерашната средба во Владата премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
На средбата се разговарале за обезбедување услови за одржување фер и демократски претседателски избори и за реформските закони, меѓу кои се и законите за разузнавачките служби.
Заев и Мицкоски не разговарале за предврмени парламентарни избори, а било одбиено барање на ВМРО-ДПМНЕ на нивен предлог да се избира државниот јавен обвинител.
– Ќе обезбедиме изборите да бидат кристално чисти што е важно и од државен и од партиски аспект, изјави Заев, посочувајќи дека верува оти во предизборието, текот на изборната кампања и на самиот изборен процес сите политички чинители ќе делуваат во таа насока за да не се даде ниту еден аргумент на Европската унија што би бил слабост во пресрет на добивањето датум за преговори во јуни.
Договорено е во текот на изборите да комуницираат изборните штабови.
– Нашите ставови се јасни, ова Специјално јавно обвинителство треба да се вгради во јавно-обвинителскиот систем на Република Северна Македонија, каде што треба да му се даде шанса на овој капацит кој е создаден во државата да продолжи на чело со Катица Јанева и целиот тим, не само обвинители, туку и извршители, изјави Заев.
Очекува низ разговарите да се создадат услови законот да се поддржи консензуално.
Според Мицкоски, средбата била корисна за релаксирање на политичките околности за кредибилен изборен процес и претседателска трка и за неоходната реформска агенда за државава да добие датум за преговори со ЕУ.
Мицкоски посочи дека изнеле забелешки во насока на обезбедување кредибилни претседателски избори и оти,мнеѓу останатото, потенцирале места за кои имале докази за неправилности за време на референдумското изјаснување.
Многу нешта, потенцираше Мицкоски, ќе зависат од Владата бидејќи таа ги организира изборите.
– Разговаравме и за законот за јавно обвинителство, предлог текстот го добивме во четврток така што немавме многу време да се посветиме на супстанцата на самиот закон. За нас значајно како политичка партија е тоа што овој специјален јавен обвинител го загуби комлетниот и личен и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина. Принципиелно интегрирање на СЈО како дел од Јавното обвоинителство можеме да го отвориме како тема и да го дискутираме бидејќи е дел од сетот реформски закони, рече меѓу другото Мицкоски