Bеќе еден час гори трска во Струга, а поради ветрот пожарот се шири со голема брзина.
На терен сѐ уште никој не интервенира околу гасењето на огнот.
Трска беше запалена и минатиот месец во неколку наврати во Струга, по што реагираа бројни еколошки организации кои изразија сомнежи дека трската се пали намерно на места на кои подоцна е планирана изградба на угостителски објекти.
„Не се знае кој узурпира, кој гради, на неколку места објекти се изградени непосредно до езерото, се паркираат возила, се оградува со жица. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата и на појасот трска. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори”, велат од Охрид СОС.
Од невладината организација „Извиднички одред“ стравуваат дека зад случаите со палење трски се кријат економски и градежни интереси покрај езерото.
До надлежните минатиот месец беа упатени апели да одговорат на бројните реакции од граѓаните за поставување бетонски огради, палење трска и друга вегетација и депонирање градежен шут во овој предел.