Општина Шуто Оризари денеска ја реализира втората еколошка акција за чистење на отпадот на потегот меѓу Шуто Оризари и Визбегово.
Кон еколошката акција се приклучија градоначалникот на општината Курто Дудуш, претседателката на Општинскиот Совет Фатима Османовска, преставници од „Женскиот Актив” на општината, како и многу заинтересирани граѓани од двете општини.
Како што соопштуваат од општинската прес-служба акцијата е една од превентивните мерки во борбата против загадувањето и одржувањето на здрава животна средина.
-Инаку, според најновите статистички податоци девет луѓе секој ден умираат поради загадениот воздух во земјава, а 3.200 луѓе умираат поради загадениот воздух. Впрочем, граѓаните од двете општини неколку пати реагираа дека загадувањето на воздухот е рекордно особено во доцните часови и рано наутро. Затоа, локалната самоуправа има иницирано повеќе мерки и иницијативи за обезбедување на чиста животна средина, со цел подигнување на еколошката свест и граѓанската одговорност за колективен општествен придонес преку адекватно депонирање на отпадот, наведуваат од прес-службата на Општина Шуто Оризари.