Во Владата вечерва почна средбата на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
На лидерската средба, како што најави претходно премиерот Заев, ќе се разговара за претстојните претседателски избори, реформските закони и се што е во интерес на државата.
– Мене ми е значајно да разговараме за престојните претседателски избори, за евроинтеграцискиот процес на нашата земја заради тоа што дури и НАТО не е завршено се уште, изјави вчера меѓу другото Заев.
Опозицијата ќе бара од власта да престане со вработувањата пред изборите, но и на отпуштањата и заплашувањата во јавната администрација, како и да сопре распределбата на државното земјоделско земјиште кое е во тек. Ако на денот на изборите се забележи и најмало полнење на кутии, како што се случило на референдумот, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат со повик за бојкот и непризнавање на изборите.
Покрај претседателските избори и реформските закони, изјави Мицкоски, ќе се разговара и за Предлог законот за Специјалното јавно обвинителство, кој го добиле во работна верзија, а ќе го отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори.
Не е исклучена можноста опозицијата да предложи специјален обвинител од странство, но и отворање не само на случаи на актуелната и идна власт, туку и на случаи од минатото.
Фото: Слободан Ѓуриќ