Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе побара од Конгресот дополнителни 8,6 милијарди долари за изградба на ѕидот на американско-мексиканската граница, изјавија американски официјални претставници.
Трамп ја вети изградбата на ѕидот за да ја спречи илегалната миграција и трговијата со луѓе и наркотици.
Сумата е шестпати поголема од таа што ја одобри Конгресот за гранични проекти во секоја од претходните две фискални години.
Демократите, кои се спротивставуваат на изградбата на ѕидот и го сметаат за непотребно и неморално, го контролираат американскиот Претставнички дом, така што се претпоставува дека се мали шансите барањето на Трамп да помине во Конгресот.
Како што пренесуваат светските агенции, без оглед дали Конгресот ќе го усвои барањето, тоа може да му помогне на Трамп да ги претстави своите аргументи за безбедноста на границата во претстојната трка за претседателските избори во 2020 година.