Во пријатна атмосфера, со многу сонце, извонредна посетеност на улиците и поддршка колку од прилепчани, но и многу од туристите – љубители на карневали, кои што денеска беа во Прилеп, измина „Прочка 2019“.
Бројни маски,поединечни и групни, со учесници од разни возрасти,од многу градови од Македонија, но и доволно гости од странство: Бугарија, Турција, Грција, Србија, Хрватска.
Особена убавина на денешниот карневал дадоа членовите на Здружението на лица со интелектуална попреченост „Порака“ со маската „Цветна алеа“. Весело, разиграно, со смеа и забава, уживање и размена на позитивна енергија, профедилираа маските пред организаторите, гостите од ФЕКК-Европа и оценувачката комисија.
„Денеска Прилеп ужива, весели и расположени граѓани се излезени во центарот на градот, заедно го прославуваме меѓународниот карневал „Прочка 2019“. Денеска низ градот ќе продефилираат бројни поединечни и групни маски, од земјава и странство. А, освен конвенционалниот начин, имаме нови модерни содржини во карневалот со „Статуа фест“, присуство на улични артисти на многу места во градот, зголемувајќи го уживањето во овој колоритен спектакл“, рече градоначалникот Илија Јованоски, во својата изјава за медиумите пред самиот почеток на карневалот „Прочка“.
Тој се заблагодари за посетата на претставниците на ФЕКК – Европа. „Карневалите во Прилеп, Кавадарци и Струмица, формирањето на ФЕКК-Македонија, го развиваат алтернативниот туризам во земјата. Конкретно денеска во Прилеп присуствуваат преку 1 000 гости од земјава и странство, а в година ќе имаме сигурно уште многу поголем број учесници и гости, со кои градот прераснува во туристичка карневалска дестинација“, вели градоначалникот Јованоски.
И според претседателот на здружението „Прилепски мечкари“, Ванчо Георгиев во Прилеп расте карневалскиот туризам. „Имаме голем број посетители кои не се дел од организацијата, туку се туристи коишто уживаат од повеќе градови, а доаѓаат од Грција, Бугарија и Србија. Ова е впрочем крајната цел на карневалот, да има што поголем број граѓани коишто ќе уживаат следејќи ја манифестацијата.Тука се присутни и делегациите на ФЕКК од Европа, вип гости, коишто имаат свој голем придонес за овој карневал“, истакна Ванчо Георгиев.
Прилеп е еден од позначајните членки на ФЕКК на Европа, а од Македонија, како што вели претседателот Ларс Алгел.„Многу е убаво да си овде, прв пат сум бил во 2008, бев и минатата година. Времето овој пат е многу убаво. Убавото е што карневалот ги поврзува луѓето. Многу сум горд што сме поканети како официјална федерација и мило ми е“, изјави Ларс.
„Многу ми е мило што сум во Прилеп, има многу народ на улиците, многу сонце, преубаво е се. Ова ме потсетува на карневалите во нашата држава“, вели Марион Хирхе, претставник на ФЕКК од Германија.
Оценувачката комисија во состав: Габриела Шукуроска, Хилда Црнеска, Лилјана Неделкоска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски, ја имаат најтешката задача да ги изберат најдобрите. Наградите на најдобрите ќе им бидат врачени на вечерната забава што Општина Прилеп заедно со здружението „Прилепски мечкари“ ја организира за сите учесници на ова карневалско издание. Освен кај граѓаните карневалот предизвика огромен медиумски интерес. Бројни екипи на националните медиуми го следеа ова издание, кога карневалот одбележува 18 години традиција на успешно постоење и развој.
Содржините на манифестацијата завршуваат утре со посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ каде што здружението „Прилепски мечкари“, како потомци на некогашните касапи во Прилеп кои ја носеле истоимената маска со децении, го означуваат почетокот на долгите велигденски пости.