Извештајот на „Стандард енд пурс” е позитивен и покажува дека земјава и јавните финансии одат во добра насока, вели министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за Канал 5 откако вчера меѓународната агенција го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ-, со стабилен изглед.
Тевдовски за следниот период очекува и подобрување на кредитниот рејтинг на земјава.
– Очекувањата сега се дека би требало да имаме повеќе инвестиции, а во иднина да очекуваме подбрување на кредитниот рејтинг, и тоа е многу спротивно од она што се случуваше во последната декада кога кредитниот рејтинг од двете рејтинг агенции беше намалуван, рече Тевдовски.
Министерот за финансии е оптимист за движењата на економијата и смета дека се остварливи проекциите за раст од 3,2 процента.
„Стандард енд пурс” за следните три години предвидува раст од три проценти, движен од домашната потрошувачка и извозот, како и подобрите движења кај инвестициите. После подолг период на раст во минатото, се оценува дека долгот постепено ќе се стабилизира, и ќе изнесува 48,7 проценти од БДП во 2021-2022 година (државниот долг и долгот на ЈПДП), соопшти Министерството за финансии.
Врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вонбуџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг.