ЈП „Стрежево”-Битола почна со издавање дозволи за рекреативен риболов на акумулацијата „Стрежево” за 2019 година и ја отвори риболовната сезона за која е утврден нов правилник.
Со новиот правилник на риболовците им е посочено кои и колку риби дневно може да се ловат, додека пак за рибите лињак и златен карас има трајна забрана за риболов.
-Максималната дозволена количина на дневен улов на риба е до три килограми. Тоа значи дека доколку риболовецот во уловот има разни видови риба, вкупната количина на улов по рекреативен риболовец на ден, не може да биде поголема од 3 килограми. Исто така, риболовците не смеат да ги надминат и максималните ограничувања за бројот на уловени единки по видови, односно во текот на еден риболовен ден максимално може да се уловат три пастрмки, два примероци крап, до четири примероци штука, еден примерок сом или еден примерок јагула, но повторно важи истото правило, вкупната количина на улов што ја уловил еден риболовец во еден ден, не може да биде поголема од три килограми, посочуваат од концесионерот на акумулацијата „Стрежево”.
ЈП „Стрежево”-Битола ја утврди и висината на надоместокот за издадена дозвола за вршење на рекреативен риболов на рекреативната зона „Акумулација Стрежево” што се движи од 150 денари за еднодневен риболов до 1.000 денари за годишна дозвола.
-Утврдувањето на цените за рекреативен риболов е извршено во соработка и со согласност на МЗШВ, но за спортските риболовци пензионери, лица прогласени за технолошки вишок, инвалиди, студенти и ученици кои сакаат годишна дозвола за вршење рекреативен риболов, има значителни попусти, појаснуваат од ЈП „Стрежево”-Битола.