Бројот на Албаници во затворите во Велика Британија во последните пет години се зголемил за четирипати, додека нарко групите ги „окупирале” улиците со евтин кокаин, пишува лондонскиот весник „Дејли Мирор”.
Според податоците на британското Министерството за правда, ако бројот на затвореници од Албанија во 2013 година изнесувал 212, минатата година оваа бројка се искачила на 760. Од нив 433 лица се наоѓаат во затвор за дрога.
Ова се наведува во продолжението на серијата написи на весникот посветени на албанската мафија.
Познатиот истражувач Мохамед Касим од Универзитетот во Лидс Бекет и експерт од областа на криминалот за весникот изјавил дека „Албанците имаат сериозна репутација и оти тие не размислуваат двапати за да употребат сила”.
– Албанците имаат сериозна репутација, и никој не се обидува да им се спротивстави. Тие не размислуваат двапати за да употребат сила. Имаме млади Албанци кои едноставно доаѓаат да заработат пари од пазарот на дрога. Некои од нив имаат големи вили и друг имот во Албанија, тврди Касим.
На 25 февруари „Дејли Мирор” објави дека албанската мафија ја преземала контролата врз пазарот на кокаин во Велика Британија, кој се проценува на околу пет милијарди фунти.
Според весникот, албанската мафија го преземала пазарот така што постигнала договор со „трговците на големо” и директно преговарала со колумбиските картели, што довело до пониски цени и повисока чистота на кокаинот на пазарот.
Поради ова, сега Велика Британија се соочува со најголем број на млади корисници на кокаин во Европа.