Зинедин Зидан официјално се врати на тренерската позиција во Реал Мадрид. Французинот ќе ги преземе „белите” веднаш, а договорот ќе биде со важност до 2022 година.
Стратегот го заменува Сантијаго Солари, а одлуката беше објавена по состанокот на шефовите на „кралскиот” клуб. Зизу ќе биде претставен подоцна оваа вечер.
Играчите на „белиот балет” биле информирани за промената утрово. Тогаш Солари се збогувал со тимот.
Зидан се врати на позицијата 284 дена по заминувањето. Тој беше на чело на „Лос Меренгес” од јануари 2016 до мај 2018 година, заминувајќи неколку дена по освојувањето на третиот трофеј во Лигата на шампионите и 13-ти во историјата на клубот. Додека Французинот го водеше тимот, „белите” освоија вкупно 9 трофеи, вклучувајќи и титула во Примера.
Откако Зидан објави дека сака да се повлече, Хулен Лопетеги беше именуван за негов наследник. Меѓутоа, под раководство на поранешниот национален тренер на Шпанија, тимот се претставуваше променливо, а потоа беше назначен Сантијаго Солари.
Проблемите не беа решени, а Солари го остава „кралскиот” клуб на трето место на табелата во Ла Лига, на 12 поени зад лидерот Барселона. Мадриѓаните беа отстранети во полуфиналето на Купот на Шпанија од Барса, а минатата недела Ајакс ги елиминираше од Лигата на шампионите.