Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да одржи продолженија на 86. и на 90. седница.
Единствена преостаната точка на 86. седница е интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од пратеницитеопозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На 90. седница, пак, треба да се расправа за Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација, по скратена постапка, исто така, единствена точка на дневниот ред.
Со новиот закон се подобрува законската регулатива и се врши нејзино усогласување со правото на Европската Унија и меѓународните стандарди во однос на заштитата од дискриминација. Со неговата примена се очекува да се обезбеди поефикасна заштита од дискриминација.
Со Предлог законот се прошируваат основите за дискриминација, се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира комисијата за заштита од дискриминација и се менува називот и надлежноста на комисијата во комиисија за спречување и заштита од дискриминација, која ќе треба да работи и на превенцијата освен на заштита. Се доуредуваат надлежностите на комисијата, начинот на избор и условите за избор на членови. Се воведува одредба за користење на нови докази во судските постапки и actio popularis. Исто така, се предвидува и ослободување од судски трошоци во судските постапки.