Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговори на експозето за интерпелацијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе против него, а во кое го обвинија Спасовски за незаконски тендер за коли во МВР, непотизам и за селективно апсење на членови на ВМРО-ДПМНЕ, дека граѓаните се чувствуваат се понебезбедни, оти криминалот е во пораст…
Тој рече дека во неговото министерување нема криење убиства, како убиството на Мартин Нешковски и дека МВР не апси, туку работи како ќе му каже Обвинителството.
-Секој од вас што седи тука има вработено по некого во МВР, а секој ваш функционер има вработено најмалку по тројца. Вие треба да се срамите, да се скриете. Не ви оди во прилог да зборувате за непотизам дали станува збор за МВР или за друга институција, одговори Спасовски. Никогаш во ниту еден момент МВР не прави апсења туку тоа го прави Јавното обвинителство. Втора работа, за секој за кој сме добиле налог сме постапиле. Тоа не се функционери, тоа се криминалци на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ќе имаме такви криминалци ќе апсиме, само немојте кога ќе ги апсиме да се откажувате од нив, а потоа да ги прикажувате како свои за политички интереси, рече Спасовски.
Покрај за непотизмот, тој им возврати и за другите обвинувања дека разрешувал професионалци на сметка за унапредување на партиски војници на СДСМ.
– Не само што се разрешени, туку 50-тина се избркани од работи. Таквите ваши професионалци ги уништуваа хард-дисковите од 27 април, таквите ваши професионалци беа рака под рака со најголемите криминалци, се наоѓаа по обвинителни клупи во судовите. Јас нема да ги толерирам туку отворена е жестока битка против таквите ваши професионалци. Над 50-60 се со фалсификувани дипломи. Вашиот заменик-началник на Алфите има фалсификувана диплома за средно образование. Со фалц дипломи има во секторот за организиран криминал, началници итн. Ќе продолжам жестоко да се борам за да ги откријам зошто паметни деца седат дома, рече Спасовски.
Фото: Слободан Ѓуриќ