Синоќа беше одржана средба помеѓу двајцата лидери на македонските политички партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, средба која остави горчлив вкус за сите Албанци, велат од политичката партија „Беса“ на Биљал Касами.
„Само за потсетување, кога политичките партии на Албанците се сретнаа заедно за да разговарат за теми исклучително од етнички аспект за Албанците, средби кои беа транспарентно претставени во јавноста, во тоа време во Македонија се направи толку голем проблем што кај некои политички експоненти го проблематизираа тој момент и го употребуваа во секојднената политичка реторика“, стои во партиското соопштение во кое се додадава дека воопшто не е транспарентно што лидерите на македонските партии самостојно се договараат за теми што се од државен, а не од етнички интерес.
За „Беса“ сосема е неприфатливо Албанците, односно албанските политички претставници, да не бидат вклучени во донесувањето одлуки за важни процеси кои директно влијаат на интересите на Албанците во државата.
„Исклучувањето на Албанците од консултации и донесување одлуки за вакви витални прашања за иднината на државата се само обид за нарушување на меѓуетничката кохезија во Северна Македонија и, за жал, се покажа дека слоганот ‘општество за сите’ подразбира целосна дефакторизација на албанскиот политички фактор и влез во нова ера која, за жал, ги продлабочува поделбите“, сметаат од партијата на Касами.
Од таму апелираат параламентарното мнозиство да го смени својот пристап кон албанскиот политички фактор и под итно да го вратат дијалогот меѓу позицијата и опозицијата, вклучувајќи го и албанскиот политички фактор.