Интерпелацијата на Оливер Спасовски не помина во Собранието
Собранието на Република Македонија вечерва со 59 гласа „против“, 20 гласа „за“ и без воздржани не ја изгласа поднесената интерпелација од опозицијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Гласање по интерпелацијата на министерот Спасовски
Дебатата се водеше во насока на спротивставување на ставовите меѓу власта и опозицијата за квалитетот на работата на министерот Спасовски, колку тој е компетентен и одговара на предизвиците со кои се соочува во Министерството.
Во интерпелацијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Спасовски за несовесното, нестручното и селективното работење. Според нив, непрофесионалното работење на МВР довело до скандали, корупција, a како што посочија, граѓаните биле жртви на грабежи, обиди за убиства, рекетирања и насилства.
Опозицијата го обвини Спасовски за незаконски тендери за возила во МВР, за непотизам, за селективно апсење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на неистомисленици.
Власта е на став дека Спасовски е професионалец, кој посветено ги исполнува своите обврски како министер за внатрешни работи.
Вечерва опозицијата во текот на расправата лично го прозва министерот Спасовски за, како што велат зголемениот број грабежи, убиства и скандали. Владејачкото мнозинство, пак, интерпелацијата ја оценија за неоснована, паушална и во функција на спречување на напредокот на државата.
Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема ден, а да не помине без скандал во МВР, зголемена е и корупцијата, а граѓаните не се чувствуваат безбедни. Посочи дека еден од најголемите скандали во Министерството е прислушувањето на обвинителите.
Министерот Спасовски рече дека доволно полемизирале со пратениците околу аргументите во делот на интерпелацијата. Тој и реплицираше на опозицијата дека за нив најдобро било времето кога Груевски бил на власт, и кога беспоговорно само гласале за криминалот.
– Јас овој мандат го добив од Собранието и ќе бидам тука додека тоа Собрание одлучи. Имате шанса да завршите и изгласате интерпелација, а ако не ќе мора да ме трпите се додека за тоа не одлучи Собранието, им порача Спасовски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата по интерпелацијата на Спасовски почна денеска на пладне, во рамки на 86-та седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери даде три паузи за време на расправата.