Седумнаесет лица загинаа во големиот прекин на електричната енергија во Венецуела, за кои водачот на опозицијата, Хуан Гваидо тврди дека се „убиени“ од страна на владата на претседателот Никола Мадуро.
Гваидо во неделата изјави дека голем дел од земјата и понатаму останува без електрична енергија, додавајќи дека приватниот сектор изгубил најмалку 400 милиони долари поради прекинот.
Мината недела над 70 отсто од Венецуела остана без електрична енергија, а властите предупредуваат дека како резултата на тоа, болниците се изложени на ризик.
„Венецуела доживеа вистински колапс“, во неделата изјави Гваидо за Си-Ен-Ен. „Болниците немаат електрична енергија. Ова беа најдобрите болници во земјата. Ако ова се случува во главниот град, како ли е на километри оттука, во внатрешноста на Венецуела, како што има многу малку нафта и периодични прекини на електрична енергија, без основни средства за живот и неефикасен јавен превоз? Слободно можеме да кажеме дека Венецуела веќе доживеа колапс“.
Гваидо додаде и дека опозицијата регистрирала 17 „убиства“ за време на прекинот на електрична енергија.
Мадуро ги обвини САД за ситуацијата, велејќи им на своите поддржувачи дека електричната мрежа на Венецуела била саботирана. САД, пак, го припишаа прекинот на електрична енергија на „неспособноста на режимот на Мадуро“.
Гваидо рече дека обвинувањата на владата на Мадуро за сајбер напади од страна на Америка се апсурдни. Тој додаде дека главната централа на Венецуела е полна со застарени, аналогни машини кои не се поврзани со било која мрежа.
„Се наоѓаме во една катастрофа која не е резултат на ураган, ниту на цунами“, рече тој. „Таа е производ на неефикасноста, неспособноста и корупцијата на режимот кој не се грижи за животот на граѓаните на Венецуела.