Албанските опозициски партии во косовското Собрание, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), на ја прифаќаат понудата на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ), заедно да обезбедат 61 глас за да ја урнат Владата на Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пратеникот на ВВ, Реџеп Селими за весникот „Зери” изјави дека неговата партија не прифаќа во ниту една форма да ја урива Владата преку Белград.
– Без оглед на тоа што Владата беше формирана со помош на Српската листа, односно со благослов од Белград, ние нема да ја уриваме оваа Влада преку таа партија, туку преку косовската опозиција. Ниту сметаме на гласовите на СЛ, ниту истите им ги бараме за уривање на Владата. Владата треба да падне, избори треба да има што поскоро, но не затоа што тоа го сака Србија, туку затоа што сакаат граѓаните на Косово, изјави Селими.
Во врска со повикот на СЛ заедно да ја сменат Владата на Харадинај, шефот на пратеничката група на ЛДК, Авдулах Хоти за приштинскиот весник изјави дека неговата партија нема да прифати никакви условувања.
– ЛДК ќе процесуира барање за гласање за доверба на Владата во моментот кога ќе обезбеди 61 глас во Собранието на Косово. Меѓутоа, не прифаќаме никаков вид условување од никого, изјави Хоти.
Потпретседателот и пратеник на СЛ, Игор Симиќ вчера за белградските медиуми изјави дека неговата партија ги става на располагање на косовската опозиција гласовите на своите десет пратници за смена на актуелната Влада.
Српскатa листа е дел од Владата на Рамуш Харадинај, меѓутоа од воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, минатиот ноември, во косовското Собрание делува како опозиција.