Високи претставници на Европската унија изразија надеж дека ќе бидат собрани милијарди долари помош за Сиријците и дека ќе се даде импулс на политичките напори за решавање на осумгодишната криза, на меѓународна конференција, што почнува денеска во Брисел.
Тридневниот форум, чиј домаќин е Организацијата на Обединетите нации, е седми по ред на кој учествуваат делегации од околу 85 земји. ЕУ смета дека сириската криза не може да има воено решение и ги поддржува напорите на ОН за мирна транзиција.
Конференцијата ќе започне со дводневен дијалог меѓу групите на граѓанското општество, регионалните организации, групите за помош и соседните земји, фокусирајќи се на прашања како што се економското закрепнување, правдата, образованието и заштитата на бегалците.
Се очекуваат над 1000 учесници.
На минатогодишната конференција се собраа 4,3 милијарди долари, а подоцна таа сума се зголеми на шест милијарди.