Митре Милошевски кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ

Неврохирургот Митре Милошевски е кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти Влатко Ѓорчев. Кандидат за општина Ново Село, пак, е Николчо Стоилков.

„Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е Митре Милошевски, неврохирург, татко на две деца, вработен во болницата Свети Еразмо во Охрид, човек кој што го знае цел град подготвен да биде градоначалник на сите граѓани. Навистина, д-р Митре Милошевски е одличен кандидат, го препорачуваме на Охриѓани, охриѓани го препознаваат и во наредните 40-тина дена нема да има врата, нема да има населено место, нема да има населба, село или било која улица во која што нема да појде“, рече Ѓорчев.

Тој соопшти и дека Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го кандидираат Николчо Стоилков од Ново Село за градоначалник на општина Ново Село, магистар по деловно право и вработен во Царинската управа на Република Македонија, татко на две деца.

„Време е да се стави крај на скандалите во општина Ново Село. Време е да се стави крај на криминалот во Ново Село, епизодите поврзани со Боро Малборо и сите останати скандали кои што таму се случуваа. Ни треба чесен човек, домаќин човек, човек кој што ќе може да работи за Ново Село а Николчо Стоилков е токму таков, човек со енергија, човек со иницијативност, со компетенции, со тим и луѓе околу него“, рече Ѓорчев.

Треба да знаете
Последни објави