Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со граѓаните на Кавадарци. Како што информираат од партијата, на средбата Мицкоски посочил дека заевизмот од ден во ден зема замав со сите негови негативни карактеристики.
Тој особено го истакнал својот став за потребата од отворање на сите сомнителни случаи во изминатите 28 години независност – од транзицијата до денес.
„Ајде да видиме како почна приватизацијата, како се оттуѓуваа и продаваа големите стопански објекти, како се продаде Телеком, како се продаде Електростопанство, дали има политичари кои на маката на народот се богатеа и ги искористуваа привилегиите, да отвориме се“, истакнал Мицкоски, додавајќи дека актуелната власт е заинтересирана само за селективна правда.
Тој исто така коментирал и изјава на кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски.
„Запраша еден граѓанин повратник во Македонија од странство, ‘што си се вратил назад’. Со ваквата изјава Пендаровски призна дека условите за живот во Македонија се до тој степен катастрофални, па поради тоа единствена опција на граѓаните која им ја нуди власта е да си заминат од Македонија“, рекол Мицкоски.
„Наместо порака да ја напуштаат земјата, од мене ќе видите борба за зачувување на секој еден човек во нашата земја, бидејќи каменот највеќе тежи овде, на своето место, на својата грутка“, посочил лидерот на опозициската партија.