Почнува снимањето на македонскиот игран филм „Хомо” на режисерот Игор Иванов, кое ќе се реализира во период од пет недели на повеќе од 20 локации во Скопје.
Филмот претставува сублимат од шест различни приказни, на шест различни карактери од Скопје, кои етапно се вкрстуваат и низ лавиринтот на распаднатото општество нивните судбини засекогаш се менуваат. Во сите шест приказни провејува нишка на преиспитување на примарните човечки вредности. Сѐ почнува како комедија, продолжува како социјална драма и на крај завршува со карактеристики на документарец кој тежнее да го соочи обичниот човек со степенот на дехуманизација, суровост и алчност во општеството.
Во реализацијата на овој најнов македонски долгометражен филм е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови – автори и филмски професионалци. Листата на актери која брои над 70, ја предводат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковска, Себастијан Кавца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.
Филмот претставува копродукција меѓу Северна Македонија: „Скопје Филм Студио” (продуцент: Томи Салковски), Бугарија: „Гала Филм” (продуцент: Галина Тонева), Србија: „Арт енд попкорн” (продуцент: Мирослав Могоровиќ), Словенија: „Иридиум Филм” (продуцент: Бојан Станковиќ) и Косово: „Триггер” (продуцент: Лумбард Кукај).