Царовска од Њујорк: Борбата за правата на жените е европска, но и светска вредност

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска учествуваше на 63-та сесија на Комисијата за статусот на жените на Обединетите нации, тело посветено на промоција на родовата еднкаквост и правата на жените секаде низ светот. Министерката Царовска имаше обраќање на панел дискусијата на тема „Насилство врз жени и девојки во Југоисточна и Источна Европа“, во организација на ОБСЕ, UN Women, UNFPA и ЕУ.

„Насилството врз жените не познава национални и култулорошки граници, ова е проблем кој зазема меѓународни пропорции. Борбата за правата на жените е европска, но и светска вредност. Начинот на кој државите се справуваат со овој проблем значително се одразува на степенот почитувањата на правата на жените. Република Северна Македонија, како членка на Обединетите нации и Советот на Европа, ги ратификуваше најважните меѓународни и регионални договори за заштита на човековите права“, истакна Царовска од Њујорк.

Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за превенција и борба против насилство вро жени и домашно насилство во декември 2017 година, според која се формира јасна законодавна и институционална рамка за справување со наилството врз жените и заштита на жртвите од родово базирано насилство. Обврските од оваа Конвенција се пренесени во Националниот акциски план, кој има три цели: хармонизација на законодавната рамка, креирање услуги за заштита на жртвите од родово базирано насилство и жртви на домашно насилство и имплементација на активности за превенција на родово базирано и домашно насилство.

Дополнително, МТСП, заедно со Министерството за здравство и телата на Обединетите нации отвори три центри за жртви на сексуално насилство и обучи повеќе од 50 професионалци кои работат со нив. МТСП работи заедно со граѓанските организации во процесот на креирање услуги за жртвите на родово базирано насилство, кои ќе ги вклучат ранливите категории на жени.

Овогодинешната фокус тема на Комисијата за статусот на жените на Обединетите нации е „Системи за социјална заштита, пристап до јавни услуги и одржлива инфрастуктура и јакнење на жените и девојките“. Ова е најголемиот собир на светски лидери, граѓански организации, претставници од приватниот сектор, партнери на ОН и активисти од целиот свет.

Министерката Царовска утре ќе се обрати на уште една панел дискусија, на тема „Усогласување на политиките за зајакнување на жените во неформалното вработување“.

Треба да знаете
Последни објави