Директорите на НЛБ банка, Ѓорѓи Јанчевски и Љубе Рајевски, ексминистерот за животна средина Томе Тромбев и поранешниот градоначаник на Битола, Владимир Талески нема да одговараат за перење пари. Обвинителството за организиран криминал ја запре истрагата.
Предметот беше отворен во 2017 година против 8 лица, а првично го водеше обвининителката Лидија Раичевиќ. Откако не беше реизбрана, истрагата ја водеше новоизбраната обвинителка, Ивана Трајчева.
Како што соопшти обвинителството,надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по спроведена сеопсежна истрага, донел наредба за запирање на истражната постапка против осум македонски државјани. Лицата беа осомничени дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со 3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, а четворица од нив беа осомничени и за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 од Кривичниот законик.
,,Надлежниот обвинител врз основа на член 288 ст.1 од Законот за кривична постапка донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против две правни лица осомничени за перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.12 во врска со ст.1 од Кривичниот законик”, се вели во соопштението.