Триесет претпријатија финансирани од третиот столб на Планот за економски раст, денеска на Б2Б средби во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ги претставуваат своите можности пред група израелски фондови и претприемачи заинтересирани да инвестираат во иновативноста на македонските компании. Тие се избрани токму од израелските инвеститори на кои им бил предочен списокот од околу 200 компании кои добиле средства од ФИТР.
-Меѓу нашите две земји има голем потенцијал за соработка особено на полето на економијата. Се надевам дека денеска ќе биде големиот почеток на соработката со ФИТР. Тука сум да ви помогнам да воспоставите контакти, порача израелскиот амбасадор Дан Оријан пред почетокот на средбата на израелските инвеститори и македонските компании – корисници на ФИТР.
Тука сме, посочи, со израелски компании и инвеститори за да видиме што можеме да направиме заедно.
-Поканив некои свои пријатели и инвеститори да дојдат тука и да погледнат некои од вашите компании и да видат каде можеме да соработуваме. За Израел, Балканот и Северна Македонија се од големо значење и веќе имавме неколку многу солидни почетоци со ФИТР. Подготвени сме за соработка и ајде да почнеме со работа. Заинтересирани сме за соработка во ИТ секторот, се што има врска со иновациите, туризмот. Веќе имаме соработка во полето на медицината и здравјето, но гледаме огромен потенцијал во иновативното земјоделство, како и во сајбер безбедноста, рече Оријан.
Минатата година имавме Хакатон во Битола во соработка со ФИТР, додаде, и израелските експерти ми рекоа дека младите претприемачи тука се најдобрите што ги виделе досега и порачаа „ајде да ги киднапираме”.
-Побаравме од Владата да ја видиме листата на компании што се финансирани од неа за да оцениме што се финансира. Владата на Израел во осумдесеттите години од минатиот век даваше многу за компаниите и затоа денеска не треба да дава речиси ништо. Се надевам дека многу брзо тоа ќе се случи и кај вас, потенцира Оријан.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски посочи дека на денешната средба во ФИТР се присутни 30 македонски компании поддржани од Фондот што сами ги избрале израелските бизнисмени подготвени да инвестираат во земјава.
-Сакаме да покажеме дека земјава веќе не е изолиран остров и постепено станува дел од глобалните економски и капитални текови, а денешната средба ќе ја искористиме да презентираме 30 македонски компании кои беа успешни апликанти и се финансиски поддржани во рамки на Планот за економски раст на Владата што го реализиравме минатата година. Компаниите се од делот на авиоиндустријата, биотехнологијата, медицината, машинството, енергетиката, ИТ секторот и животната средина, изјави Деспотовски пред почетокот на средбите.
Тој нагласи дека на израелските потенцијални инвеститори прво ќе им се презентира што направија Владата и ФИТР на планот на иновациите и технолошкиот развој, а потоа ќе се одржат деловни средби со компаниите.
-Очекувам дека ќе почнат да се цртаат првите контури на можната идна соработка помеѓу овие 30 македонски компании и претставниците на девет израелски инвестициски фондови и претприемачи. Минатата недела отворивме можност македонските компании да користат можности за финансирање преку естонска платформа, а денеска се тука нашите израелски пријатели и потенцијални инвеститори, рече Деспотовски.
Посочи дека ФИТР и во наредниот период ќе продолжи со активностите за отворање на можности за македонските компании да генерираат средства за финансирање од странски извори.