Кои се жртвите во несреќата на „Етиопијан ерлајнс“?

Во авионската несреќа на „Етиопијан ерлајнс“ што се случи во неделата наутро загинаа 157 луѓе од 35 различни националности. Меѓу нив имало 32 патници од Кенија, 18 од Канада, девет од Етиопија, девет од Велика Британија и по осум од Италија, Кина и САД и седум од Франција, објави Би-би-си.

Голем дел од патниците оделе на самитот на Обединетите нации во Најроби. Најмалку 22 луѓе на летот биле поврзани со ОН, а нивниот идентитет сè уште се утврдува. Меѓу нив имало делегати, преведувачи и друг персонал на ОН како и нигерискиот амбасадор Олуреми Башуа.

Засега се идентификувани и тројца италијански државјани кои работеле за хуманитарната организација „Африка Тремила“, која е базирана во Бергам. Загинале претседателот на организацијата Карло Спини, неговата сопруга и секретарот на организацијата.

Во несреќата загинал и Себастиоано Туса, археолог на 66-годишна возраст, кој патувал во Кенија на проект со УНЕСКО.

Австриското министерство за надворешни работи потврди дека на летот имало тројца доктори на околу 30-годишна возраст кои патувале во Занзибар.

Вчера беше потврдено дека загинале синот и сопругата на словачки политичар. Објавено е и дека загинале тројца Швеѓани, но нивниот идентитет не е потврден.

Загинала и 28-годишната Норвежанка Каролин Адланд која работела во Црвен крст како и тројца туристи од Русија.

Канадскиот премиер Џастин Трудо потврди дека загинала и една Канаѓанка – Даниел Мур, 24 години, која патувала на конференцијата на ОН.

Од САД загинале четворица членови на Католичко здружение за помош кои патувале во Најроби на обука.

Треба да знаете
Последни објави