Кина има за цел да го создаде најмоќниот технолошки систем во светот наменет за препознавање лица. Станува збор за проект кој тамошното Министерството за јавна безбедност го покрена во 2015 година, а кој се развива во соработка со компанија за безбедност чие седиште е во Шангај.
Кинеските власти ширум земјата веќе имаат инсталирано повеќе од 170 милиони најсовремени камери за надзор.
Целта на оваа модерна мрежа е со нејзина помош да се идентификува кој било од вкупно 1,4 милијарда жители, во рок од три секунди. За таа цел само во текот на септември минатата година во Кина биле инсталирани повеќе од 20 милиони безбедносни камери, пишува британски „Дејли мејл“.
Еден пример за тоа како се користи овој масовен систем за надзор, кој е опремен со најсовремена вештачка интелигенција и софтвер за препознавање на лицето, се хај-тек очилата за сонце кои ги користат полицијците во централна Кина. Истите се опремени со технологија за препознавање на лицето и за откривање на осомничените криминалци на железничките станици.
Исто така, сообраќајната полиција во Шенжен монтирала 40 камери за надзор се назив „робокап“, со цел да се идентификуваат лицата на несовесните возачи.
Во истиот град, на пешачките премини луѓето добиваат известување за парична казна веднаш штом ќе ги прекршат правилата, односно преминат на црвено.
Кина воведува технологии за ограничување и во други сфери од живеењето: надгледување на студенските домови, автоматско ограничување на тоалетната хартија во јавните тоалети и слично, додека, пак, противниците на ваквите методи тврдат дека со истите целосно се укинува слободата на граѓаните, пренесува „Дејли мејл“.