Претседателот Ѓорге Иванов денеска додели Медал за заслуги за Македонија на истакнатите научни работници лингвисти и македонисти, Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина.
Пензионираниот професор по Дијалектологија на македонскиот јазик на Филолошкиот факултет, Коста Пеев, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување, со што даде значаен придонес за зачувувањето на дијалектите на македонскиот јазик и неговата поширока афирмација.
Стојан Лекоски, книжевен преведувач и библиограф, кој живее во Словачка, е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Република Словачка, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Словачка.
Олга Панкина, македонистка и преведувачка од Русија, е одликувана со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Руската Федерација, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација.
„Овие медали за заслуги за Македонија се израз на нашата благодарност кон Коста Пеев, Стојан Лекоски и Олга Панкина, за сето она што го направија за македонскиот јазик. Како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани и македонскиот народ, најискрено ви благодарам. Чувањето и творењето на македонски јазик е обврска кон минатото и влог во иднината. Чувари на тој јазик и тоа наследство се сите слависти и македонисти“, рече претседателот Иванов на церемонијата на доделување на медалите.
„Секој од нас длабоко во својата душа го носи својот манастир. Во манастирот свети кандилцето на Св. Климент. Искрено, искрено посакувам пламенчето од кандилцето на Св. Климент никогаш да не згасне. На сите нас натаму нека ни го осветлува патот за создавање на нови дела, нови камчиња во мозаикот на нашата македонска култура“, рече Стојан Лекоски, кој се обрати и во име на одликуваните.