Директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, Александар Нацев (35) од Пробиштип не ги почитувал законските одредби од Законот за јавни набавки и без да спроведе законски постапки за јавна набавка го ошттеил буџетот за 660.594 денари.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријва против А.Н.(35) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, инфомираат од МВР.
Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.01.2015 до 03.08.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување на постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.
Пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење на средства за репрезентација , за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги кои што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.
Исто така, пријавениот, во наведениот период, без да спроведе постапка за јавна набавка, со свесно намалување на набавките на износи до 500 евра без ДДВ на месечно ниво, со средства од буџетот на Дирекцијата извршил набавки на стоки и услуги од пет правни лица и со тоа им овозможил да се стекнат за имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.
На овој начин Нацев нанел штета на Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.701.210 денари.