Повторно судење за „Триста“: Поповски тврди дека е невин, Кацарска му порача да не брка врски

Случајот на СЈО, „Триста“, денеска почна од почеток во Кривичниот суд, откако Апелација ја укина првостепената пресуда, според која обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР,  беше осуден на девет години затвор.

Поповски истакна дека останува на веќе кажаното, односно дека не е виновен.

-Мслам дека јас и моите бранители ќе докажеме дека не сум виновен за ова дело што се теретам, дека не сум сторил злоупотреба на службената положба и дека не сум нанел штета на МВР, туку е направена голема заштеда. Исто така уште еднаш ќе повторам дека не сум виновен, рече Поповски.

На почетокот на судењето, судијката Добрила Кацарска му порача на обвинетиот Поповски да и пренесе на сопругата да не ургира преку нејзини пријатели.

-Да и пренесете на вашата сопруга да не ги малтретира моите пријатели, зошто кај мене не може никој да ургира за пресуда, рече Кацарска.

Наредното рочиште за овој предмет ќе продолжи на 22 март, кога ќе се сослушуваат сведоци.

Според првостепената пресуда, во МВР бил спроведен тендер за набавка на 300 возила, кој бил поделен во лотови, па наместо тендерот да го добијат прворангираните економски најповолни компании, тендерскиот колач бил распределен произволно, по нечија желба. Па така се случило трето и четврторангираниот да добијат повеќе возила од прворангираниот. За оваа набавка МВР потрошило 318 милиони денари, а направената штета е од 27 милиони денари.

Треба да знаете
Последни објави