Јавното претпријатие „Куманово-Гас” распиша тендер за избор на компанија за ископ и поставување цевки, со што ќе се прошири гасоводната мрежа кон улицата „11 Октомври” кон кумановската општа болница. Постапката е во тек, информираа денеска надлежните од претпријатието.
-Откако ќе се избере фирмата и поминат законските процедури, ќе се склучи договор со потенцијалниот изведувач и ќе почне проширувањето на мрежата кон кумановската општа болница, изјави директорот на претпријатието, Никола Денковски.
За пет месеци дваесетина граѓани, пред се, сопственици на куќи склучиле договор со Јавното претпријатие и се приклучиле кон гасоводната мрежа. Наскоро, по завршување на изградба на станбена единица на булеварот „Октовмриска револуција” се очекуваат дополнителни десет приклучоци.
-Ова е највисок процент на склучени договори со граѓани, изјави Денковски.
Тој потсети дека граѓаните можат да користат и субвенција од општината во висина од 10.000 денари за приклучок кон мрежата. Во годишната програма на претпријатието за тековната година предвидено е приклучување на два големи потрошувачи кон мрежата, кумановската општа болница и основното училиште „Толи Зордумис”. Меѓу покрупните проекти на претпријатието, за оваа година е предвидено и ширење на дистрибутивната мрежа кон индустриската зона во село Доброшане, каде што функционираат повеќе мали и средни производствени компании.
-Во завршна фаза е проектирањето на останатите урбани единици кои досега не беа опфатени во основниот проект. По подготовката ќе почне ширењето на мрежата во различни реони од градот, најави Денковски.