Мeсеци пред авионската несреќа која во неделата се случи во Етиопија, а во која загинаа 157 лица, пилоти се жалеле кај американските федерални власти од авионот боинг 737 макс 8, објави „Њујорк пост“.
Имено, жалбите ги поднеле пилоти кои со тој авион летале во октомври и ноември 2018 година.
Според пишувањата на „Далас морнинг њус“, сите приговори биле прифатени во федерална база на податоци.
Поплаките се однесувале на проблеми со авионите макс 8, кои при полетувањето користат автопилот. Имено, пилотите во низа жалби навеле дека непосредно по полетувањето авионот покажува тенденција со клунот да се навалува кон земјата.
„Фактот дека овој авион бара толку многу работа за да биде во состојба за летање дефинитивно е предупредување“, напишал еден од пилотите во својот приговор.
Исто така, пилотот додава дека е несфатливо како федералните власти, заедно со авиокомпаниите и натаму им дозволуваат на пилотите да летаат со авионите, притоа не објаснувајќи им по што макс 8 се разликува од останатите авиони.