Трет ден лаги од белиот дворец, нелегални тендери и договорање провизии се матрица на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е минато, сега во енергетиката се работи домакински и според закон, затоа државата продава вишоци на струја, реагира СДСМ на тврдењата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, дека фирмата „СВ инвест“ пред две недели зела тендер за услуга од технолошко чистење на БТО-системите во РЕК „Битола“ во вредност од над 800.000 евра, односно 49.560.000 денари.
„Во отсуство на политичка платофрма, идеја и програма ВМРО-ДПМНЕ штанца лажни вести и невистини, секојдневно. Тендери во четири очи и заткулисни игри се одлика на ВМРО-ДПМНЕ и криминалните политики со кои ја уништуваше енергетиката, ја укина ефтината тарифа а струјата ја поскапи за 100 проценти. Во тоа време Христијан Хидро Мицкоски тераше бизниси со хидроцентрали. РЕК Битола веќе ги демантираше лагите на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека постапката била отворена и завршила со електронска аукција која автоматски ја исклучува можноста за личен контакт. Критериум за добивање електронската аукција била цената и затоа е избрана фирма која понудила најниска цена.