Асани: Амортизацијата на инфраструктурата главна причина за намалувањето на возните километри

Амортизацијата на инфраструктурата, прекинот на сообраќајот поради проблемот на мостот кај Кукуречани и укинувањето на линијата Белград – Скопје – Гевгелија се главните причини за намалувањето на возните километри на ЈП Македонски железници Инфраструктура што беше забележано во последниот квартал од минатата година, порачува директорот на Јавното претпријатие Ирфан Асани.

-Последниот квартал покажува намалување на возните километри за 22 отсто во патничкиот сообраќај и околу осум отсто кај товарниот сообраќај. Намалувањето кај товарниот сообраќај се должи на прекинот во сообраќајот поради проблемите на мостот, а во патничкиот поради укинувањето на линијата Белград – Скопје – Гевгелија, рече Асани во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека сепак главна причина за загубата е амортизацијата на инфраструктурата која се должи на 147-годишното постоење на фирмата.

-Амортизацијата е причина за поголем дел од загубата и доколку има начин како да се покрие нашето работење би било во позитива. Таа не е од денеска и не може да ја покриеме во цената што ја земаме за пристап, бидејќи ќе биде неприфатлива за ниту еден од операторите. Амортизацијата фактички не е загуба на финансиски средства, туку се одразува на финансискиот извештај, појасни Асани.

Посочи дека МЖ Инфраструктура  има капацитети да ги подигне возните километри од сегашните 257.000 на еден милион километри, но нема можност за вклучување на други оператори.

-Единствено на тој начин ќе се акумулира загубата која е резултат на амортизацијата. Тоа може да се постигне само со либерализација на пазарот и постоење на повеќе оператори што, пак, би значело повеќе возни километри, повеќе возови и повеќе средства, потенцира Асани.

Треба да знаете
Последни објави