Карим Бензема ќе го напушти Реал Мадрид по завршувањето на сезоната. Поранешниот француски репрезентативец, по девет години, ќе се врти во татковината. Наводно, два клуба ќе се борат за неговиот потпис – Лион и ПСЖ.
Претседателот на Лион, клубот каде што кариерата ја почнал Бензема, Жан-Мишел Ола, признал дека е во преговори за враќањето на напаѓачот, но дека проблем претставува неговата плата.
„Секако дека би било фантастично да се врати во клубот“, рекол Ола и дополнил:
„Разговаравме минатото лето бидејќи размислуваше да замине. Меѓутоа, не можевме финансиски да одговориме на неговите барања. Се обидовме нешто да смислиме со неговиот менаџер, но не најдовме решение“.
Бензема, сепак, остана во Реал и оваа сезона, која може да биде и последна во белиот дрес за него.
Интересот за 31-годишниот напаѓач не го кријат ниту во Париз, а сигурно е дека ПСЖ не би имал проблем да ги задоволи неговите финансиски апетити.
Карим Бензема има одиграно 456 натпревари и постигнато 214 гола за Реал. Со клубот освоил 17 трофеи.