Европарламентот предлага конкретни предлози за борба против загадувањето на воздухот

Европскиот парламент денеска усвои Резолуција, која дава предлози за борба против загадувањето на воздухот во секторот на транспортот, земјоделство и енергетиката, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Во оваа необврзувачка Резолуција, усвоена со 446 гласови „за”, 146 „против” и 79 „воздржани”, европратениците нагласуваат дека загадувањето на воздухот од локален, регионален, национален и прекуграничен карактер, бара акција на сите нивоа на власта.

Европарламентот ја повикува Европската комисија да предложи воведување на европски правила за квалитетот на воздухот со порестриктивни стандарди за ПМ2,5 честичките, како што е препорачано од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Европратениците ги повикуваат властите да развијат акциски планови за чист воздух со мерки за решавање на сите извори на загадување на воздухот во сите сектори на економијата.

– Европската комисија треба да ја ажурира Директивата за квалитет на амбиенталниот воздух во согласност со ограничувањата на СЗО за честичките, сулфур диоксидот и нивото на озон. Исто така, треба да се зајакнат контролите за да се обезбеди дека земјите членки ги почитуваат стандардите за процедури за испитување на издувните гасови од дизел возилата при давањето одобрување за тој тип на возила, се наведува во Резолуцијата.

Европарламентот е загрижен околу зголемените научни докази за ефектите од загадувањето на воздухот поврзани со сообраќајот за когнитивниот развој и перформанси, особено на децата, па затоа бара да се поттикне употребата на дигиталните технологии, како што се електронските патарини и билети и примена на принципот „загадувачот плаќа”, со стапки врз основа на еколошките перформанси на возилата.

Пратениците, исто така, ја повикуваат ЕУ да развие постапки за колективно обесштетување за заштита на потрошувачите во случај на скандал со емисиите на штетни гасови од автомобилите.

Тие бараат да се донесат задолжителни одредби за производителите на автомобили, што се однесуваат за несоодветните дизел возила, со цел да се исчисти возниот парк и да се избегне забраната за дизел возила. Трошоците треба да ги сносат автомобилските компании, се наведува во документот.

Европарламентот повикува Комисијата да продолжи да ги намалува емисиите на натриум оксид во возниот парк на ЕУ и да со тоа да придонесе до 2021 година да се намали јазот помеѓу нивото на емисии на издувни гасови при тестовите на автомобилите и реалните нивоа мерени на патиштата.

Еврокомисијата, исто така, треба да размислува за воведување на стандарди борба против емисиите на издувни гасови од возилата и емисиите на метан во земјоделството.

Европратениците повикуваат на идното финансирање на Заедничката европска аграрна политика да биде поврзано со задолжителните мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

– Тековните прехранбени и земјоделски системи се одговорни за прекумерни емисии на амонијак, азот оксид и метан. Дури 94 проценти од емисиите на амонијак и 40 отсто од емисиите на метан доаѓаат од земјоделски активности, се истакнува во Резолуцијата.

Европарламентот ги поздравува заложбите направени од страна на најмалку 10 земји членки на ЕУ за постепено ослободување од јагленот како извор на енергија и ги повикуваат и другите држави членки да го стори тоа најдоцна до 2030 година.

Според студиите, лошиот квалитет на воздухот има големо влијание врз здравјето, посебно на бремените жени, децата и старите лица. Околу 90 проценти од Европејците што живеат во градовите се изложени на ниво на загадување на воздухот што се смета за штетно по здравјето на луѓето.

Европскиот парламент потсетува дека границите на дозволени емисии на штетни гасови во ЕУ остануваат повисоки од оние препорачани од страна на Светската здравствена организација и Европската агенција за животна средина, поради што се проценува дека повеќе од 400.000 прерани смртни случаи во ЕУ секоја година се резултат на загадувањето на воздухот.

Европратениците на крајот наспоменуваат дека во 2018 година, шест земји членки биле дадени на Судот на правдата на Европската унија поради непочитување на стандардите за квалитет на воздухот во ЕУ.

Во 20 земји членки во тек се 29 прекршочни постапки за непочитување на квалитетот на воздухот и максималните дозволени вредности утврдени од страна на ЕУ. Според податоците на ЕУ, максимално дозволените вредности на ПМ10 честичките и натриум диоксид во околу две третини од земјите членки не се во согласност со препораките на Унијата.

Треба да знаете
Последни објави