Европарламентот усвои серија мерки за ограничување на последиците од Брегзит без договор

Европратениците денеска усвоија серија на мерки за минимизирање на последиците од Брегзит без договор, кои се однесуваат на патувањето, транспортот, програмата Еразмус, социјалната сигурност и рибарството, јави дописникот на МИА.

На барање на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ, Европската комисија предложи итни мерки за ограничување на ефектите од евентуално повлекување на Велика Британија од ЕУ без договор.

Овие мерки вклучуваат правни гаранции за учениците и наставниците, кои во моментов се опфатени со програмата за размена Еразмус, продолжување на финансирањето на програмите на ЕУ за развој на прекуграничната соработка и за односите меѓу заедниците во Ирска и Северна Ирска, како и утврдување на основните одредби за одржување воздушен, товарен и автобуски превоз помеѓу Унијата и Велика Британија.

Мерките, исто така, треба да им овозможат на бродовите од ЕУ и од Велика Британија да продолжат да сообраќаат во британските и водите на Унијата.

Итните мерки не се замена за придобивките од членството или од договорот за преоден период по Брегзит. Тие се временски ограничени и еднострано усвоени од страна на ЕУ. Некои од нив ќе стапат во сила под услов и Велика Британија да усвои слични мерки.

Треба да знаете
Последни објави